Даночна писменост - неопходен бизнис услов
Даночната обврска и нејзиното навремено и правилно исполнување претставуваат интегрален дел од постоењето и функционирањето на секој бизнис. Таа не е изолирана административна обврска, туку е тесно поврзана со финансиското планирање, буџетирањето на оперативните активности и управувањето со паричните текови во компанијата.
Создавањето на добро предзнаење за даночната регулатива овозможува перспективно и долгорочно планирање на финансиското здравје на компанијата, нејзиниот раст и, во крајна линија, нејзиниот опстанок. Ова е особено важно затоа што даночните обврски директно влијаат врз формирањето на цените на производите, услугите и добрата што компанијата ги нуди на пазарот. Затоа, нивното навремено земање предвид претставува значаен елемент при секоја сериозна деловна одлука.
Токму поради тоа, познавањето на даночната материја не треба да биде исклучиво задача на сметководителот или даночниот советник. Даночната писменост претставува деловна алатка која треба да биде присутна и во процесот на донесување одлуки – без разлика дали станува збор за висок менаџмент на голема корпорација или за претприемач кој го развива својот стартап.
Во Р.Македонија, компаниите и физичките лица се соочуваат со повеќе видови даноци и јавни давачки, во зависност од природата, обемот и начинот на нивното работење.
Најпознати се данокот на додадена вредност (ДДВ), данокот на добивка и данокот на личен доход, но даночниот систем е значително поширок. Во него се вклучени и придонесите за задолжително социјално осигурување, царините при увоз, акцизите за определени производи, даноците поврзани со имотот, даноците при пренос на недвижности, даноците на наследство и подарок, како и различни такси, надоместоци и други јавни давачки.
За компанија која врши увоз на материјали или стоки, на пример, даночната и фискалната обврска не започнува и не завршува со фактурата од странскиот добавувач. При увоз може да настанат царински давачки, увозен ДДВ и, зависно од видот и карактеристиките на стоката, акцизи или други давачки.
Истовремено, правилната тарифна класификација на стоката, утврдувањето на нејзиното потекло и комплетната и точна царинска документација можат значително да влијаат врз конечната цена на набавката и финансискиот резултат од конкретната трансакција.
Даночни категории со директно влијание врз бизнисот
Кај најголем дел од деловните субјекти, особено директно влијание врз секојдневното работење имаат следните категории:
ДДВ – данок кој се применува на прометот на добра и услуги и при увоз на добра;
Данок на добивка – данок кој се однесува на остварената добивка на правните лица;
Данок на личен доход – данок кој се однесува на доходот на физичките лица, вклучително и доходот од работен однос и други видови доход.
Покрај овие даноци, значајно место во работењето на компаниите имаат и придонесите поврзани со вработувањето, царинските давачки, акцизите и останатите јавни давачки, чиј третман зависи од конкретната деловна активност.
Даночните стапки се само почеток
Во даночниот систем на Северна Македонија, меѓу основните стапки се издвојуваат општата стапка на ДДВ од 18%, како и повластените стапки од 5% и 10%. Данокот на добивка се применува по стапка од 10%, додека данокот на личен доход вообичаено се применува по стапка од 10%, со специфични правила зависно од видот на доходот и конкретната даночна основа.
Но, познавањето на даночните стапки е само првиот чекор. За еден претприемач или менаџер многу поважно е да разбере кога настанува даночната обврска, кој е даночниот обврзник, која е даночната основа, како правилно се документира трансакцијата, кога се поднесува соодветната пријава и кога обврската треба да биде платена.
Даночната писменост не значи дека секој сопственик на компанија треба да биде даночен експерт. Таа значи да има доволно разбирање за даночните правила за да може навремено да ги препознае нивните финансиски и деловни последици.
Компанијата која ја разбира својата даночна позиција има подобра основа за планирање на трошоците, управување со ликвидноста, формирање на цени, проценка на профитабилноста и долгорочно финансиско планирање.
Ова е само почеток. Во следните текстови ќе ги обработиме ДДВ, данокот на добивка, данокот на личен доход, придонесите, царините, акцизите и останатите значајни даночни и фискални обврски – секој одделно, практично и од перспектива на она што секој сопственик и менаџер треба да го знае. Бидејќи да го разбирате данокот не значи само да знаете колку треба да платите – туку да знаете како тој влијае врз вашиот бизнис.